Ден 4 @ 27c3 - општествени теми (од Новица пак)

Денот го отвори Адам Обенг во говор спектакулерно насловен „Tor is Peace, Software Freedom is Slavery, Wikipedia is Truth - The political philosophy of the Internet“. И покрај ваквиот (широк) наслов, неговото предавање се задржа на слободата во слободниот софтвер и како лиценците ја третираат истата.

Предавањето беше интересна прошетка низ дефинициите за тоа што е политика, филозофија, па политичка филозофија - па оттаму во софтверските проекти и анализа на лиценците како нивни „устави“.

Дефинициите за слобода што беа разгледани беа на Џон Роулс, Макалум и Берлин (не ги фатив првите имиња на последните двајца) и се движеме низ слобода да правиш било што, преку триделната дефиниција за слобода, до позитивната и негативната слобода. Пресудата беше дека GPL е помалку слободна од BSD лиценцата затоа што инсистира на групите (позитивна слобода) на сметка на поединците (негативна) - но - големо но, според Адам слободниот софтвер не само за слобода (иако го носи тоа име), туку и за други работи (рамноправрност, споделување итн.) и оттука оваа пресуда не е толку важна.

Се надевам дека и овој говор ќе имаме шанса да го прегледаме заедно во Скопје.

Како лична забелешка мислам дека му потфрли образложението на Адам затоа што пресудната точка во презентацијата беше тоа дека додека BSD се однесува (само) на дистрибутерите, додека GPL на сите корисници - а во врска со позитивната и негативната слобода ова значи дека BSD се однесува на помала група или поединци наспроти ултимативната група на „сите корисници“. Кон ова беше придодаден и дијаграм дека „дистрибутерите“ се подгрупа (подмножество) на „корисниците“. Ова е проблематично бидејќи секогаш не е вистина. Човек може да дистрибуира софтвер без да го користи.

Но, попроблематичниот дел беше оној првиот за тоа кому се однесуваат лиценците. Колку што сум во тек ми се чини дека GPL (како и BSD) се вклучуваат единствено при редистрибуција. Тие како лиценци за слободен софтвер не регулираат што корисниците смеат да прават со софтверот - бидејќи тој е слободен, туку само што редистрибутерите смеат да прават. Па така, иако во преамбулата (неправничкиот дел од текстот на GPL) се спомнува „all users“ тоа има повеќе информативно воопштено значење, отколку било какво обврзувачко според лиценца/закон.

За жал не успеав ова да го кажам во Q&A делот, бидејќи некој друг лик коментирајќи забега во кантовски води (кантовски како Емануел Кант).

Следна беше Lepht со Cybernetics for the Masses. Ова беше шокантно и информативно предавање за домашно-направени и домашно-вградени импланти што девојката ги има под својата кожа. Шокантно затоа што се нафатила да прави нешто прилично сложено без претходни доволни познавања од електроника и анатомија и медицина. Неколку пати рече дека била гадно болна / повредена / во болница поради своите експерименти, но заклучи дека здравјето е на второ место пред љубопитноста. Информативно дека дознавме дека некои навистина интересни работи можат да се прават за малку пари и со малку повеќе храброст (или во пирсинг дуќани во Скандинавија). На пример, вградувањето на некакви магнетни имплатни под кожата на прстите на дланките овозможува проширување на сетилните способности така што со овие можете буквално како некаква топка да напипате магнетно поле.

Нејзиниот блог е http://sapiensanonym.blogspot.com/.

Пред да одлетам во друга сала имав шанса да го видам само воведот од Хакирањето и компјутерската наука, кое што колку што фатив беше за тоа дека хакирањето е уникатна дисциплина што за жал не се изучува на универзитетите. Човекот што збореше доаѓаше од универзитет во Њу Хемпшир.

Анали Њувиц од io9.com понуди смирувачки говор за смртта на новинарството. Во „Три работи што новинарите ќе ги работат во 2050 ја чувме визијата на Анали дека трите работи на идината ќе бидат hacker journalism, data-mining reporter и crowd engineer.

Овие улоги не се нови вели таа. Само имаат нови имиња поради тоа што технологиите се сменети.


Интересен говор што повлече и многу прашања. За жал не успеав да ја запишам и дефиницијата за новинарство што ја цитираше Анали. Ми се чини дека ќе беше просветлувачка за македонските новинари.

На крај додека се мислев дали да одам на
How the Internet sees you - demonstrating what activities most ISPs see you doing on the Internet или на International Cyber Jurisdiction - Kill Switching” Cyberspace, Cyber Criminal Prosecution & Jurisdiction Hopping, се појави веста дека Даниел Домшајт-Берг ќе зборува за OpenLeaks. Слајдовите од тоа веќе ги објавивме.

27c3 заврши: Испиени 6000 литри Клуб-мате.

No comments:

Post a Comment