Отварање на 27c3 >> We come in peace и Copyright enforcement vs. Freedoms

27c3 започна со предавање на Роп Гронгеп кој зброруваше за тоа што се случило во заедницата на хакери во последните пет години. Во 2005 тој на истиот подиум зборувал за битката за приватност на интернет, и како сме ја загубиле војната - за пет години подоцна оваквата констатација да не биде повеќе точна.

Како споредба на земјата домаќин и земјата од каде што доаѓа Роп, Холандија, слушнавме за генералниот неуспех на Холандија да се справи со новите предизвици иако била сметана за водечка земја. Недостатокот на Уставен суд во оваа земја се покажало како штетно, наспроти Германија, каде Уставниот суд, на крај, сепак ги заштитил граѓаните од ограничувањата на интернет, а посебно во однос на приватноста и чувањето на податоци од страна на интернет провајдерите.

Во малку погенерален осврт, Роп Гронгеп ја опиша својата земја, како еднаква со Шведска и Данска пред 30 години, еднаква со Германија во деведесетите, во општа конфузија во 2000 и на ниво на Англија, за денес полека да се доближува до Италија.

Во оваа тажна забелшка неуспесите на земјата ги гледа преку следниве четири тези:
Пазарот не е сѐ;
Образованието е сѐ;
Уставот мора да се брани;
Финасирањето на политичките партии мора да се контролира;

Но, зошто толкав пад во вредностите на една од водечките земји? Со малку смешно објаснување зборот што го бараме е анти-депресанти. Депресијата е најраширената болест на денешнцата во западните земји. А се лечи со лекови што предизвикуваат среќа. (Вештачки) среќни луѓе не можат да предизвикаат промена. Потребни се несреќни и лути луѓе.

На хакерската страна, говорот беше посветен на две работи: електронско гласање и Wikileaks.

Преку повеќе примери во врска со е-гласањето заклучокот е дека на затворени црни кутии не треба да им се верува бидејќи лесно можат да се манипулираат. Во изминативе години, Холандија и Германија се двете земји каде вакви уреди се изрично забранети (во втората со одлука на Уставен суд). Но, произведувачите на овие машини можеби ќе најдат полесни муштерии во земји како Индија или Бразил каде овие системи се користат за избори што вклучуваат повеќе од една милијарда луѓе. Дека работата не е наивна, покажа приказната дека кога европската делегација од хакери и адвокати што го изнеле случајот пред германските судови тргала на конференција во Индија, влезот прво им бил забранет, биле задржани на аеродром, за на крај да бидат пуштени да влезат во земјата но со забрана за учество на конференцијата.

Роп Гронгеп бил дел од екипата што го советувала Исланд за законот за слобода на печатот што ја направи земјата рај за новинари и бил близок соработник на Џулијан Асанж. Со негови зборови престанал да учествува во организацијата по видеото од Ирак поради тоа што се уплашил од можните последици на овие објавувања на Wiileaks. Храброста, сепак, не е заразна вели тој.

Приказната за Wikileaks продолжи со критика на акциите на Anonymous (патем, генералното чувство за Wikileaks е позитивно. Даниел Шмитд исто така се појави низ публиката) и заклучок дека денешните влади се беспомошни, но не и немоќни. Кога станува сѐ појасно дека слободите на интернет се загрозени, и кога Google, Facebook, Apple и другите географски ограничени влади се спремни да ја убијат приватноста, нашата работа - работата на хакерите - станува уште поважна.

Што ќе се случи, останува да видиме, но според Роп, прогнозите не се толку лоши како оние од пред пет години. А едно од главните прашања што останува да бидат одговорени е кој ги поседува јавните фондови и јавната инфраструктура.

По вообичаените коментари за самиот настан и благодарници, Роп го отстапи подиумот на Џереми Зимернам од http://laquadrature.net.


Неговиот говор беше осврт на досегашните напори да се контролира дигиталниот простор, како оној на Франција - hadopi - и digatal economy законот на Обединетото кралство. Овие закони иако опасни сепак не го издржале тестот на уставноста - поради можноста владини тела и компании без судски одлуки да имаат пристап до информации за корисници. Во Франција правото на пристап до интернет било изедначено со слободата на говор. Ми се чини дека во овие два часа ги слушнав зборовите „Уставен суд“ во толку многу позитивни конотации - нешто на што треба веројатно да се угледаме.

Но, секој уставен суд си има своја влада, па така и во ЕУ (и ОЕЦД) со ACTA се гради нов систем кој ќе ја заобиколува правната процедура на земјите. (Патем, ACTA се пишува и надворо од воспоставените форуми за вакви работи како WIPI и WTO). ACTA се продава како трговски договор - а за таквите не е потребно гласање од парламент. Сме зборувале за ACTA порано во Македонија, не верувам дека тоа добило некое поголемо внимание. Она што останува е да видиме како ќе се доигра оваа партија: на 3 декември 2010 излегол конечниот текст на договорот, а веќе по 31 март 2011 истиот ќе биде ставен на ратификација пред земјите членки на ЕУ. Веројатно ќе следи дека и Македонија ќе мора да го прифати на својот пат кон европското интегрирање.

Џереми продолжи со цитирање на некои посочни делови од ACTA (како тоа дека текстот не прави разлика меѓу комерцијален обем и комерцијална намера) и цитирање на некои изјави на европските политичари (како тоа дека политичарите нема само да работат на нови закони, туку и на тоа да ја сменат умот, начинот на кој луѓето размислуваат за дигиталниот свет).


И покрај ваквиот однос на сили, Џереми е убеден дека оваа битка (против ACTA) европските граѓани ќе ја добијат пред Европскиот парламент, слично како што таму падна и иницијативата за софтверски патенти. Тој заврши со: „Споделувањето им помага на културите, тоа не прави попаметни, без него културите не можат да постојат.“

No comments:

Post a Comment