Ден на слободен софтвер 2008

Светскиот ден на слободен софтвер во Македонија беше прославен на 4. октомври 2008.

Денот на слободен софтвер веќе трет пат се организира во Македонија, а „Слободен софтвер Македонија“ секогаш зема учество во организирањето. Така беше и оваа година.

Настанот помина добро. Оние кои веќе се познаваа имаа прилика за уште едно дружење а имаше и некои нови лица кои се појавија заинтересирани да дознаат нешто повеќе.

Планот беше настаните да бидат што понеформални.

Вечерта претходно, неколкумина членови на заедницата разделија летоци на места каде се собираат млади. Некои од луѓето што сме ги заинтересирале се појавија утредента. Истата вечер се дорежаа и дисковите со специјално подготвениот Ubuntu Linux за оваа пригода кој дополнително вклучуваше и слободен софтвер за други оперативни системи како и филмот „Укради го овој филм“ кој зборува за пиратството во Шведска. На дискот имаше и дизајни и фотографии од уметниците кои ни се приклучија за настанот.

дискови и летоци за сфд 2008

Вообичаено за „Сподели знаење“, неделната активност на 2с.мк која ја организираме за заедницата, саботата започна во културниот центар Точка каде пакувавме дискови и разговаравме за слободен софтвер и слободна култура. Им раскажавме на новите луѓе за што се работи и им дадовме краток преглед за идеите за слободен софтвер и слободна култура. Ги запознавме со содржината на Ubuntu Linux дисковите кои ги делевме.

Откако го подготвивме големото платно на кое младите уметници ќе сликаат, во 14 часот групата се упати накај градскиот плоштад каде на поширок круг на луѓе ќе им делиме информации за слободен софтвер и слободна култура.

stand on the shoulders of giants

„Оптегнатото“ платно привлече внимание на плоштадот иако паралелно се случуваа повеќе настани на исто место. Сликарите веднаш се зафатија со работа и за кратко време free software се најде нацртано на платното.

Сликарите сликаат

Разделивме информации на многу минувачи а некои од нив застанаа да постават прашања. Имаше луѓе кои дојдоа да постават конкретни прашања а повеќето со кои разговаравме имаа генерални прашања за настанот и активностите.

Платното во целост

Се на се, настанот помина подобро од очекуваното. Претпоставувам дека дел од луѓето што навистина се заинтересираа ќе поминат некогаш на „Сподели знаење“ или „Сподели кино“ каде ќе можеме да оствариме посодржаен контакт.

3 comments:

  1. Јако. :)

    Благодарност до сите што беа вклучени во организацијата на овогодинешниот SFD.

    ReplyDelete
  2. Визуелно изгледа одлично, семантички штета што пишуваше free software, free culture, а не слободен софтвер, слободна култура :(

    ReplyDelete